MKinformer

your daily dose of news

МВР појаснува: Во кои случаи возилото се смета дека е управувано без возачка дозвола и кога се одзема

05/02/2026 22:50

Возењето моторно возило без возачка дозвола претставува кривично дело, а Министерството за внатрешни работи има законска можност, по наредба на Основно јавно обвинителство, да го одземе возилото со кое е сторен прекршокот или кривичното дело.

Ова појаснување, според информациите објавени од Плусинфо, доаѓа од извор во Министерство за внатрешни работи, по бројните дилеми во јавноста и на социјалните мрежи дали возилата управувани без возачка дозвола се одземаат привремено или трајно.

Од МВР појаснуваат дека одземањето на возилото во вакви случаи е привремена мерка, додека за трајна конфискација е неопходна правосилна судска пресуда. „За трајно конфискување на одземено возило мора да постои конечна одлука од надлежен суд“, нагласува изворот.

Кога се смета дека возилото е управувано без дозвола?

Според законската дефиниција и појаснувањето од МВР, за управување без возачка дозвола се смета кога:

  • возачот никогаш не положил возачки испит,

  • возачката дозвола му е трајно одземена,

  • возачот управува возило во период кога му е изречена привремена забрана за управување со моторно возило.

Во сите овие случаи, полицијата има основ да постапи, да го лиши лицето од слобода доколку постојат законски услови и да го одземе возилото за понатамошна постапка.

Од МВР апелираат граѓаните да не подлегнуваат на дезинформации и да ги почитуваат сообраќајните прописи, потенцирајќи дека мерките имаат за цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и спречување на тешки сообраќајни несреќи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!