MKinformer

your daily dose of news

Кина задоволна поради контактите на САД и Русија за изнаоѓање дипломатско решение за Украина

08/08/2025 20:45

Кинескиот претседател Си Џинпинг, во телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин, изрази задоволство од контактите меѓу Русија и САД и од напорите за подобрување на меѓусебните односи со цел политичко решение на украинската криза, пренесе Ројтерс.

Си потврдил дека Пекинг ќе продолжи да се залага за мировни преговори и дипломатско решавање на конфликтот, јави кинеската државна телевизија ЦЦТВ. Разговорот, кој според Пекинг бил инициран од Путин, доаѓа по најавата од Кремљ дека рускиот претседател во наредните денови ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во обид да се стави крај на војната што трае веќе четири години.

Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп зазеде попомирувачки пристап кон Москва, но изрази разочарување од недостатокот на напредок кон мирот. Тој се закани со високи царини за државите, вклучително и Кина, кои купуваат руска нафта. Во средата најави можни дополнителни тарифи за Кина, слични на 25-процентните царини што веќе ги воведе за Индија.

Како одговор, кинеското Министерство за надворешни работи оцени дека трговската и енергетската соработка меѓу Кина и Русија е „праведна и легитимна“. Портпаролот Гуо Џиакун изјави дека Кина ќе продолжи со мерки за обезбедување на енергетска безбедност, во согласност со сопствените национални интереси.

Ова е втор телефонски разговор меѓу Си и Путин за помалку од два месеци. Двете земји ја продлабочија економската, трговската и безбедносната соработка по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, што доведе до сериозно влошување на односите меѓу Москва и Западот.

Се очекува Путин во септември да ја посети Кина по повод одбележувањето на 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

error: Содржината е заштитена од копирање !!