Си Џинпинг до Трамп: Тајван е најчувствителното прашање во односите меѓу Кина и САД
05/02/2026 11:03
Тајван претставува најважното и најчувствителното прашање во односите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, му порачал кинескиот претседател Си Џинпинг на американскиот претседател Доналд Трамп за време на телефонски разговор одржан во средата, јави кинеската државна новинска агенција Синхуа.
Си предупредил дека Вашингтон мора со „особена претпазливост“ да се однесува кон продажбата на оружје на Тајван, нагласувајќи дека островот е составен дел од територијата на Кина и дека Пекинг има обврска да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет.
„Како што САД имаат свои загрижености, така и Кина има свои. Ако работиме во иста насока, во духот на еднаквост, почит и заемна корист, можеме да најдеме начин да се справиме со разликите“, му рекол Си на Трамп.
11 милијарди долари и „црвената линија“
Кина со години најавува дека ќе се обедини со Тајван и не ја исклучува употребата на сила. САД, иако формално имаат дипломатски односи со Пекинг, остануваат најсилниот сојузник на Тајван и негов најголем снабдувач со оружје.
Во декември, администрацијата на Трамп одобри продажба на оружје за Тајван во вредност од околу 11 милијарди долари, вклучувајќи ракетни системи, самоодни хаубици и различни типови ракети. Пекинг тогаш оцени дека станува збор за директна поддршка на тајванската независност и потег што може да доведе до опасна ескалација во Тајванскиот теснец.
„Одличен и темелен разговор“
Од американска страна, Трамп разговорот го оцени како „долг, одличен и темелен“. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, тој напиша дека односите со Кина и неговиот личен однос со Си се „исклучително добри“ и дека двајцата ја разбираат важноста од нивно одржување.
Телефонскиот разговор доаѓа во период на засилени дипломатски активности на Кина, по посетите на повеќе западни лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер. Трамп најави и можна сопствена посета на Кина во април.
Трговија, енергенси и глобални кризи
Покрај Тајван, двајцата лидери разговарале и за трговијата. Трамп изјави дека Пекинг размислува да купи до 20 милиони тони американска соја, како и нафта и гас од САД. Разговорот ги опфатил и војната во Украина, ситуацијата во Иран и други глобални безбедносни прашања.
Неколку часа пред разговорот со Трамп, Си имал виртуелна средба со Владимир Путин, на која било поздравено продлабочувањето на кинеско-руските односи.
Реакција од Тајван
Тајван го поздрави телефонскиот разговор, оценувајќи дека тој може да придонесе за стабилизирање на регионот. Заменик-министерот за надворешни работи на Тајван, Чен Мингчи, изјави дека островот не е загрижен и дека дијалогот меѓу Вашингтон и Пекинг може да помогне во намалување на тензиите.






