Стејт департментот поништи повеќе од 6.000 меѓународни студентски визи
19/08/2025 9:09
Стејт департментот на Соединетите Американски Држави поништи повеќе од 6.000 студентски визи за меѓународни студенти, поради прекршување на законот и престој подолг од дозволениот рок, објави Би-Би-Си.
Одделот соопшти дека најчести причини за поништување биле прекршоци како напади, возење под дејство на алкохол, кражби, но и случаи кои властите ги поврзуваат со поддршка за тероризам. Околу 4.000 визи биле поништени директно поради прекршување на американското законодавство.
Мерките доаѓаат во период на засилени контроли врз имиграцијата и меѓународните студенти. Во јуни, повторно беа отворени термините за аплицирање за визи, но со нови услови – кандидатите мора да достават информации за своите профили на социјалните мрежи, со цел дополнителна проверка. Службениците добија инструкции да ги следат можните врски со терористички организации, закани по националната безбедност, како и случаи на антисемитско насилство.
Државниот секретар Марко Рубио во мај потврди дека од почетокот на годината илјадници студентски визи биле веќе поништени и најави дека процесот ќе продолжи.
Според податоците на организацијата „Отворени врати“, во учебната 2023/24 година во САД студирале повеќе од 1,1 милион меѓународни студенти од над 210 земји.






