Православните верници денес го празнуваат Светиот маченик Иполит
26/08/2025 7:56
Православната црква денес го одбележува празникот посветен на Светиот маченик Иполит, римски војсководец и надзорник на затворот, кој своето неверие го заменил со вера во Христа и на крајот го запечатил сведоштвото со маченичка смрт.
Иполит првично бил незнабожец, но сведочејќи ги чудата на Свети Лаврентиј – како му го враќа видот на слепиот Лукилиј и исцелува многумина болни – ја примил христијанската вера. Крстен од Лаврентиј, тој заедно со своето семејство и старата дадилка Конкордија, вкупно деветнаесетмина, станале христијани.
По маченичката смрт на Лаврентиј, Иполит го погребал неговото тело со голема почит. Но, веста стигнала до царот Декиј, кој наредил Иполит да биде уапсен.
И покрај жестоките мачења – камшикувања и понижувања – Иполит постојано извикувал: „Христијанин сум!“. Кога царот дознал дека и неговото семејство е христијанско, сите биле изведени пред него. Прва сведоштво дала Конкордија со зборовите: „Подобро е чесно да умреме во верата Христова, отколку бесчесно да живееме со вас.“ Таа прва била убиена, а потоа и останатите.
На крајот, и самиот Иполит бил врзан за див коњ и влечен сè додека не ја предал душата на Бога, станувајќи светол пример на вера и мачеништво.






