Зошто Велипеток е ден на Христовите страдања?
10/04/2026 10:20
Велипеток: Целосна хронологија на Христовите страдања – од Гетсиманија до Голгота
Денеска, на Велипеток, христијанскиот свет го одбележува најтешкиот ден во црковниот календар – денот кога Исус Христос бил фатен, малтретиран, неправедно осуден, измачуван и распнат на крст. Ова е ден на болка, но и на најголема љубов – кога Богочовекот доброволно ги примил гревовите на сите луѓе од сите времиња.
Гетсиманија – каде што започнуваат страдањата на Велипеток
Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие, според црковното предание, не започнуваат на крстот, туку уште ноќта, во Гетсиманската градина. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.
По Тајната вечера, Исус Христос не тргнал веднаш кон Гетсиманија. Претходно, од собата каде што јадел со апостолите, продолжил со Прошталната беседа. Ги поучувал апостолите, како што е запишано во 15-та и 16-та глава од Евангелието според Јован. За да биде поуката разбрана и запаметена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод само ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.
Тогаш ги изговорил вечните зборови: „Без Мене не можете да направите ништо.“ Но, додал и предупредување: „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат.“ А утехата им ја дал во ветувањето за Утешителот – Светиот Дух: „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“ И ги охрабрил со зборовите: „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
По овие зборови, Христос завршил со поуката и се упатил кон Гетсиманија. Токму тука почнуваат страдањата на Велики Петок.
Гетсиманија – молитва и душевна борба
Господ Исус Христос вообичаено се молел насамо, давајќи ни пример за индивидуалната, лична молитва. Меѓутоа, молитвата во Гетсиманија е посебна. Таа е најинтензивната, најболната и најзначајната молитва во историјата на човештвото. За неа пишуваат сите четворица евангелисти (Марко 14,32-42; Матеј 26,36-46; Лука 22,39-46; Јован 17).
Иако Христос како Бог знаел сè што ќе се случи – од предавството, преку судењето, бичувањето, до распнувањето – како вистински човек, Неговата човечка природа во Гетсиманија ја преживеала Голгота пред самата Голгота. Спасението на човечкиот род не би било извршено без Неговата молитва во Гетсиманија, во која кулминирале Неговите душевни страдања за нас и место нас.
Светите отци објаснуваат: страдањата на Христа во Гетсиманија биле предизвикани од нашите гревови – гревовите на сите луѓе од сите времиња. Он доброволно ги примил врз Себе. Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе.
Сведоци на гетсиманските маки
Христос не се молел сам. Со Себе ги повел тројцата најверни ученици: Петар, Јаков и Јован. Тие требало да бидат сведоци на Неговите искупителни душевни страдања. Исто тие ученици биле сведоци и на Неговото Преображение (Матеј 17,1-2) и на воскресението на Јаировата ќерка (Лука 8,51). Законот предвидувал двајца или тројца сведоци (5. Мој. 19,15), и Христос се придржувал кон тој принцип.
Паѓање на колена и крвава пот
Вообичаено, во Христово време, на Исток, луѓето се молеле стоејќи, со подигнати раце кон небото (1. Тим. 2,8; Лука 18,11 и 13). Меѓутоа, овде евангелистите запишале дека Господ „падна на земја и се молеше“. Молитвите со приклонети колена биле израз на духовна тежина и внатрешна борба – ретко практикувани.
Евангелистот Лука ја покажува психолошко-духовната борба и реакцијата на телото со изобилство на пот и капки крв. Тој описува дека „потта Му била како капки крв“. Тоа е медицински потврдена појава (хематохидроза) која настанува при екстремен психички стрес. Но, за верниците, тоа е знак дека Спасителот многу пострадал заради гревот на сиот човечки род – со страданија какви што не страдал никој.
Христос знаел сè што Го чека: врзување, бичување, плукање, потсмев, крст и смрт. Сето тоа веќе го предрекол пред апостолите (Марко 10,32-34). И знаел дека од Гетсиманија до Голгота ќе трае Неговото патување – се до последниот крик на крстот: „Се сврши!“ (Јован 19,30).
Токму затоа, во Гетсиманија, откако ја завршил молитвата, рекол: „Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници“ (Марко 14,41). И додал: „Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“ Ова не било повик за бегање, туку за средба со непријателите – за тргнување по долгиот пат на страдањата, се до Голгота.
Предавството на Јуда – бакнежот како знак на смрт
Додека Христос се молел, Јуда Искариотски веќе бил на пат. Тој излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството, и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса.
Кај нив почекал некое време – можеби додека настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Евангелистот Лука забележува: „зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината“ (Лука 16,8).
Вооружена чета во Гетсиманија
Јуда со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците. Станува збор за вооружена чета – нешто како полиција на храмот, составена од млади свештеници, помошници на првосвештеникот и штитеници на јудејските старешини.
Зошто некои биле со мечеви, а некои со стапови? На првосвештениците и на нивните слуги не им било допуштено да носат мечеви, ниту да пролеваат крв. Затоа, тие биле вооружени со стапови. Јуда, пак, знаел дека апостолите може да дадат отпор – затоа обезбедил и мечеви. Тој ја знаел ревноста на апостолите, особено на Петар.
Бакнежот како знак за предавство
За да не фатат погрешен човек во ноќната темнина, Јуда се договорил со вооружената чета дека жртвата ќе им ја покаже со бакнеж и поздрав: „Радувај се, Рави“. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот. Бакнежот бил сметан за целив на мирот.
Но, Христос му одговорил: „Пријателе, зошто си дошол?“ Ова се последните предупредувачки зборови кон Јуда. Христос сè уште го нарекува „пријател“ – повикувајќи го на покајание. Но, Јуда, со духовно слепило, сакал преку бакнежот да ја сокрие својата намера.
Блажени Теофилакт вели: „Ти, ако си пријател, зошто доаѓаш со непријатели?“ Ова е најгрубо искривоколчување на љубовта – знакот на љубовта употребен за предавство. Јуда го употребил бакнежот за да ја затвори вратата на рајот, наместо да ја отвори.
Како било можно апостол да Го предаде Христа?
Многумина се прашуваат: како Јуда – кој три и пол години бил апостол, ги слушал Христовите зборови и гледал чуда – можел да Го предаде? Црквата учи дека ова предавство се повторува низ времињата, од многумина христијани. Секое отстапување од Христа, секој грев, претставува мало предавство. Затоа, и ние треба да се запрашаме, како апостолите кога Христос рекол: „Еден од вас ќе Ме предаде“ – „Да не сум јас?“ (Марко 14,18-19).
Ноќта, по бакнежот, Христос бил фатен, врзан и одведен на суд.
Апостолите се разбегале – исполнување на пророштвото
Кога виделе дека Христос не дава отпор и дека вооружената чета е бројна, апостолите се исплашиле и се разбегале (Марко 14,50-52). Помислиле: ако Го фатиле Него, Кој правел толку чуда, како тие би се одбраниле?
Сепак, тие се сетиле и на Христовиот совет: „Ако ве падат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10,23). Но, нивното разбегување го исполнило и пророштвото од Захарија (13,7): „Ќе го поразам пастирот и ќе се разбегаат овците.“
Тоа претставувало голема болка за Господа. Тој никогаш не ги оставил апостолите кога тие биле во опасност, а тие Него – Го напуштиле во најтешкиот миг. Во библискиот јазик, „соблазнување заради Христа“ значи дека човекот не е способен да го разбере Христовото учење и дело, немајќи го уште дарот на Светиот Дух. Апостолите тој дар ќе го добијат на Педесетница (Дела 2), и тогаш јасно ќе го разберат сето она што се случило.
Прво испрашување кај првосвештеникот Ана
По апсењето, Христос прво бил одведен кај првосвештеникот Ана. Тој бил претходник, дедо на актуелниот првосвештеник Кајафа. Ним им било важно да го слушнат и мислењето на претходникот, особено затоа што Кајафа веќе однапред рекол: „Подобро е да умре еден човек за народот“ (Јован 18,15).
Таму, Христос добил шлаканица по образот од слугата на првосвештеникот. Меѓутоа, Тој не го завртел и другиот образ (што е поука за кроткоста во други прилики), туку ја побарал вистината и се противставил: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?“ (Јован 18,23).
Суд пред Синедрионот кај Кајафа – кога правдата станува фарса
По Ана, Христос бил изведен пред Синедрионот – врховниот еврејски суд, сместен во дворот на Кајафа. Ова е опишано кај сите евангелисти (Матеј 26,57-68; Марко 14,53-65; Лука 22,54 и 63-71; Јован 18,12-15 и 19-27).
Што бил Синедрионот?
Синедрионот бил нешто како парламент и Врховен суд на Евреите. Се состоел од 71 член: првосвештеници, старешини и книжници – видни луѓе на народот. Судеше за најтешки обвиненија: идолопоклонство, престап против народот, лажно пророштво, навреда на првосвештениците.
Судскиот процес требало да биде јавен и усмен. За доказ биле потребни двајца или тројца сведоци. Обвинетиот немал право на бранител, но самопризнавањето не било доволно за осуда – се барале сведоци. Синедрионот не судел во сабота, ниту во празници. Судскиот процес морал да почне денски и да заврши додека има дневна светлина. Ако обвинетиот бил прогласен за невин, пресудата била веднаш соопштена. Ако била изречена смртна казна, таа морала да се преиспита уште еднаш во наредниот ден.
Четири драстични прекршувања на законот
При судењето на Христа, Синедрионот ги прекршил сите овие правила:
-
Лично признание како доказ – Христос бил прогласен за виновен врз основа на Неговото признание дека е Син Божји, без дополнителни сведоци.
-
Судење ноќе – Судската постапка се водела ноќе, а не преку ден.
-
Пресуда ист ден – Смртната казна била изречена истиот ден, без преиспитување.
-
Селективно собрание – Ноќната седница била вонредна; на неа не присуствувале сите членови (на пример, Никодим). Биле повикани само оние за кои се знаело дека се против Христа.
Лажни сведоци и противречни сведоштва
Синедрионот уште порано одлучил дека Исус треба да умре. Но, им требало судско обвинение за да ја оправдаат смртната пресуда. Затоа, поткупиле лажни сведоци. Меѓутоа, нивните сведоштва биле противречни. Деветтата Божја заповед гласи: „Не сведочи лажно против својот ближен“ (2. Мој. 20,16), а во 2. Мој. 23,1 стои: „Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни.“
Но, првосвештениците постапиле спротивно. Сепак, дури и со поткупени сведоци, не можеле да докажат ништо. Христос молчел.
Директното прашање: „Ти ли си Христос?“
Тогаш првосвештеникот Му поставил директно прашање: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“ Ова прашање – дали Исус е Син Божји или обичен човек – се поставува од судницата на Синедрионот, па до денес.
Првосвештеникот не го прашал за да ја дознае вистината, туку за да најде основа за осуда. Ако Христос одречел, би приличел на лажен учител. Ако потврдел – следувало обвинение за богохулство.
„Јас сум“ – најважните зборови пред Синедрионот
Христос јасно и достоинствено одговорил: „Јас сум.“ И додал: „Ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на облаците небески“ (Марко 14,62).
Со овие зборови, Тој кажал две работи:
-
Потврдил дека е Месија, Син Божји и Спасител.
-
Им порачал на судиите: „Вие сега Мене Ме судите неправедно, но Јас сум Оној што ќе ви суди праведно вам и на сиот човечки род.“
Тоа било и сведоштво и пресуда. Тие Го осудија Христа; Христос ги осуди нив.
Богохулство и смртна казна
За еврејскиот народ, изговарањето на Божјото име или присвојувањето божествени атрибути се сметало за хула – богохулство. За тоа, Синедрионот можел да изрече смртна казна. И токму тоа го направиле. Пресудата гласела: „Исус од Назарет заслужува смртна казна заради хулење.“
Христос и порано им велел на Евреите дека е Син Божји, и тие порано земале камења за да Го убијат (Јован 10,31). Но, сега, пред Синедрионот, сето тоа добило судска форма.
Подбивање и удирање
Откако бил изречена пресудата, на слугите и на некои од синедрионците им било дозволено да Го удираат Христа. Го покривале лицето, Го удирале и Му велеле: „Проречи ни кој Те удри?“ Сакале да се подбиваат со Неговите зборови дека е Месија, Пророк и повеќе од пророк.
Што се случува по судот?
По судот пред Синедрионот, Христос бил изведен пред римскиот прокуратор Понтиј Пилат, бидејќи Евреите немал право да извршуваат смртни казни. Следувале бичување, крунисување со трње, пат до Голгота и распнување.
Но, тоа веќе е дел од наративот на Велипеток што продолжува кон пладне – кога темнината ќе го покрие небото, и Христос ќе извика на крајот: „Се сврши!“
Зошто Велипеток е толку важен?
Велипеток не е само ден на сеќавање на болката. Тој е ден кога се исполнува Божјиот план за спасение. Без Гетсиманија нема Голгота. Без Голгота нема Воскресение. Без Воскресение нема Пасха – премин од смрт кон живот.
Затоа христијаните на Велипеток посте строго, одат во црква на вечерно богослужение каде се изнесува Плаштаницата – платното што го симболизира Христовото тело симнато од крстот.
И додека сè молчи – верниците знаат: Велика Сабота е пред врата, а по неа – Светлото Воскресение.






