Антикорупциската комисија го затвори предметот за унапредување на блиско лице до премиерот Мицкоски
27/08/2025 20:45
Антикорупциската комисија (ДКСК) по сопствена иницијатива оформила предмет за наводно незаконско унапредување на блиско лице до премиерот Христијан Мицкоски во раководител на сектор во едно Министерство. Но, по спроведената постапка, било утврдено дека унапредувањето е извршено во согласност со закон, објави Слободен печат.
Предметот бил оформен во мај оваа година, но постапката е запрена откако било утврдено дека унапредувањето било во согласност со правилниците и плановите за вработување. Воедно, сомнежите околу вработеноста на сопругата на лицето не се потврдиле, бидејќи Министерството доставило информација дека кај нив такво лице не е вработено.
На седницата на ДКСК не беше посочено во кое Министерство е вработено лицето, ниту каква е неговата конкретна поврзаност со премиерот.
Членот на комисијата Зоран Богоевски појасни дека од документацијата произлегува дека лицето е вработено во Министерството уште од 2004 година, а од 2010 година ја извршува функцијата раководител на одделение.
Согласно годишниот план за вработување за 2025 година, предвидено е работно место државен советник за координација на подрачните единици, кое е потврдено со Правилникот од 2015 година, а за кое е добиена согласност и од Министерството за финансии.






