Турција ги прекина сите економски врски со Израел и го затвори воздушниот простор за израелски авиони
29/08/2025 21:19
Турција денеска објави дека целосно ги прекинува сите комерцијални и економски односи со Израел и дека го затвора својот воздушен простор за израелските авиони. Одлуката ја соопшти турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан.
Според „Џерусалем пост“, економските последици од овој потег сè уште не се познати. Сепак, затворањето на воздушниот простор може значително да го продолжи времето на патување на летовите од Израел до некои земји, како Грузија и Азербејџан, за речиси два часа.
Израелски функционер за истиот медиум изјавил дека Турција и во минатото најавувала прекин на економските односи, но трговијата продолжувала. Овојпат, меѓутоа, мерките се чинат построги. Турските пристанишни власти веќе усно наложиле на агентите за превоз да доставуваат писмени потврди дека бродовите не се поврзани со Израел и дека не превезуваат воена или ризична стока за таа земја.
Овој потег доаѓа како продолжение на мерките кои Анкара ги презема против Израел, откако минатата година ја прекина трговската размена поради војната во Појасот Газа. Тогашната трговска размена меѓу двете земји изнесуваше околу 6 милијарди евра годишно.






