Јакимовски до Мицкоски: „Филозофија на беззаконие, дивоградбите не се градење, туку мафија!“
07/09/2025 19:11
Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, остро реагираше на последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој од Брвеница порача дека „неговата филозофија е да гради, а не да урива“.
Јакимовски во своето обраќање јасно стави до знаење дека ваквите пораки се далеку од реалноста и претставуваат опасна релативизација на законот. „Многу јака филозофија си имал. Но, дивоградбите не се градење, туку анархија. Очигледно твојата филозофија е беззаконие – а во светот не постои премиер кој поддржува беззаконие“, порача Јакимовски.
Тој нагласи дека премиерот целосно ги занемарува граѓаните кои чекаат урбанистички планови и сакаат да градат по закон, плаќајќи комуналии и давачки. „За тебе се важни тие што узурпираат државно земјиште, градат без стандарди и без планови. Ние мислевме дека мафијата гради дивоградби, а тоа биле твоите партнери“, додаде првиот човек на Карпош.
Јакимовски остро го нападна и изборот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, посочувајќи дека тоа е директна стратегија за продолжување на безредие во општината. „Затоа ли го предложи твојот другар за кандидат за градоначалник? За да дивеете низ Карпош? Е, мало сутра!“, му возврати Јакимовски на Мицкоски.
Со оваа реакција, лидерот на ГРОМ уште еднаш покажа дека Карпош не е терен каде премиерот ќе може да си дозволува политика на толеранција кон беззаконието, а уште помалку да му ја претставува како „филозофија на градење“.






