ГРОМ: Мицкоски и Славески не смеат да ги пипнат парите од вториот пензиски фонд
29/06/2026 9:51
Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ најостро се спротивставува на заложбата на премиерот и гувернерот на Народната банка за укинување на вториот пензиски фонд и префрлање на средствата во првиот пензиски фонд.
Од партијата велат дека, откако премиерот Христијан Мицкоски се задолжил една милијарда евра во Унгарија и, како што тврдат, непродуктивно ги потрошил парите за тротоари и плоштади, сега се исцрпуваат можностите за нови проекти со кои би се создавала слика за активност на терен.
„Лопаташтвото е единствената негова политика, па затоа сега му треба нова милијарда, не водејќи сметка за најстратешкиот и еден од најважните системи во државата, покрај безбедносниот и здравствениот, а тоа е пензискиот систем“, велат од ГРОМ.
ГРОМ: Вториот пензиски фонд е резултат на долгорочни анализи
Од ГРОМ потсетуваат дека пензиската реформа и формирањето на вториот пензиски фонд биле направени како резултат на долгогодишни анализи на ММФ и Светската банка.
Според партијата, тие анализи укажувале дека без реформа, по 30 години државата би се соочила со ситуација во која целиот буџет би морал да се насочува кон пензии или, пак, пензиите драстично би се намалиле.
Од ГРОМ објаснуваат дека првиот пензиски столб е генерациски систем. Тоа значи дека од придонесите на вработените се исплаќаат пензиите на сегашните пензионери, додека идните пензии би зависеле од придонесите на следните генерации.
„Парите од вториот столб се приватна сопственост“
Од партијата нагласуваат дека во случај на смрт на осигуреникот во првиот пензиски фонд, средствата не се наследуваат, додека во вториот пензиски фонд тие му припаѓаат на семејството и се зголемени со капитализирана камата.
„Славески и Мицкоски овие пари не смеат да ги пипнат, бидејќи тие се приватна сопственост. Тоа е исто како да посегнете по штедните влогови на граѓаните во комерцијалните банки“, велат од ГРОМ.
Од партијата оценуваат дека вината за состојбата во пензискиот систем е кај раководствата на ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувања за популистички измени
ГРОМ прашува колку пати, откако е воведен вториот пензиски фонд на 1 јануари 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ правела законски измени со кои, според нив, се зголемувал дефицитот во системот заради предизборно додворување на одредени целни групи.
Од партијата наведуваат дека првиот удар бил нанесен кога стапката на придонес за ПИОМ била намалена од 23 на 18,8 проценти, што, според нив, значело 4,2 проценти помалку приходи годишно во фондот.
ГРОМ дополнително прашува колку пати пред избори во системот биле вметнувани пензиски стечајци и технолошки вишоци без за нив да бидат уплатени придонеси, кој дозволил полицајците да заминуваат во пензија со најдобрите 10 години, додека на другите осигуреници им се пресметува просек од 40 години работа, и кој ги зголемувал пензиите надвор од законски пропишаната формула.
„Средствата ќе ги потрошат за две години“
Од ГРОМ тврдат дека евентуална интервенција во вториот пензиски столб би била опасна за идните генерации.
„Средствата што ќе ги земат ќе ги потрошат за две години, а потоа идните генерации нема да имаат ни третина од денешните пензии. Тоа значи дека ќе бидат социјални случаи“, велат од партијата.
Според ГРОМ, поголем стратешки интерес од стабилни пензии на долг рок не постои.
Од партијата порачаа дека неодговорноста, популизмот и расипништвото се, како што велат, „фабричка маана“ на владејачката партија и дека секој нов ден на власт со вакви политики претставува штета за иднината на граѓаните.





