Тивок собир на плоштад „Македонија“ во чест на жртвите од „Пулс“
16/09/2025 8:21
Residents gather in front of mayor’s office during protest following a massive nightclub fire in the town of Kocani, on March 17, 2025. Robert ATANASOVSKI / AFP
Вечер во 20:16 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи тивок и достоинствен собир во спомен на 62-те жртви и над 200-те повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Настанот, организиран од иницијативата „Кој е следен?“ и студентски активисти, ќе биде обележан со молк и подигнати светилки кон небото – без говори и транспаренти.
Организаторите порачаа дека ова не е само комеморација, туку и повик за граѓанска одговорност и системска промена. „Ова не беше трагедија, туку масакр предизвикан од нефункционални институции. Не смееме да заборавиме, мора да бараме одговорност,“ велат тие.
И покрај поднесеното обвинение во јуни, судската постапка сè уште не е започната, а обвинети се 34 физички и три правни лица. Во меѓувреме, семејствата на загинатите секоја сабота организираат „Марш на ангелите“ во Кочани, потсетувајќи дека правдата не смее да се одолговлекува.
Собирот во Скопје ќе биде симболичен јавен запис против заборавот и рамнодушноста, во кој молкот ќе зборува погласно од политичките изјави.