Вучиќ го нуди Белград како глобален мировен центар: „Светот во најсмртоносниот бран насилства од Втората светска војна“
25/09/2025 13:50
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави пред Генералното собрание на Обединетите нации дека Белград е подготвен да се претвори во центар за решавање на сите светски конфликти. Тој нагласи дека светот денес се соочува со сериозни безбедносни предизвици, опишувајќи ги како „најсмртоносниот бран насилства од Втората светска војна“.
Според податоците кои ги презентираше Вучиќ, во 2024 година се регистрирани 61 вооружен конфликт во 36 држави ширум светот. Тој оцени дека овие конфликти ја загрозуваат глобалната стабилност и истакна дека е потребна итна интервенција за превенирање на понатамошна ескалација.
„Белград не е само географска точка на Балканот. Тој може да биде мост меѓу истокот и западот, место каде се создава дијалог и се бараат трајни решенија. Србија нуди апсолутна безбедност и гостопримство за сите учесници во мировните преговори“, изјави Вучиќ.
Претседателот нагласи дека глобалните конфликти не можат да се решаваат само преку декларации, туку потребни се конкретни места и механизми за преговори и помирување. Тој ја истакна улогата на меѓународната соработка и дипломатските институции, повикувајќи ги светските лидери да ја искористат можноста која ја нуди Белград за мир и стабилност.
Оваа понуда доаѓа во време кога светската заедница се соочува со зголемена нестабилност, економски кризи и безбедносни закани, а Вучиќ ја позиционира Србија како фактор кој може да влијае на мирот и стабилноста на глобално ниво.





