Македонија со САД и Израел гласаше против резолуцијата за УНВА на ОН за помош на палестинските бегалци – повеќе земји од регионот воздржани
19/11/2026 11:26
Македонија гласаше против резолуцијата за УНРВА во Четвртиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации, приклучувајќи им се на САД и Израел во групата од само девет држави кои го отфрлија предложениот текст.
Предлог-резолуцијата за операциите на Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци – УНРВА беше усвоена со убедливо мнозинство од 143 гласа „за“, девет „против“ и 20 воздржани.
Само девет држави гласаа против
Против резолуцијата гласаа Аргентина, Федеративните Држави Микронезија, Фиџи, Израел, Северна Македонија, Палау, Парагвај, Тонга и Соединетите Американски Држави.
Со тоа, Македонија се најде во мала група држави кои не го поддржаа текстот што ја потврдува улогата на УНРВА во обезбедувањето хуманитарна помош и основни услуги за палестинските бегалци.
Дел од земјите од регионот воздржани
За разлика од Македонија, повеќе држави од регионот и пошироката Европа се воздржаа.
Меѓу воздржаните беа Албанија, Бугарија, Словенија, Романија и Србија, како и Германија, Италија, Унгарија и Чешка.
Вкупно 20 држави не гласаа ниту „за“, ниту „против“.
Што предвидува резолуцијата?
Предлог-резолуцијата се однесува на работата на УНРВА – агенцијата на Обединетите нации која обезбедува образование, здравствена заштита, социјални услуги и хуманитарна помош за палестинските бегалци.
Со текстот се нагласува дека УНРВА останува клучен столб на хуманитарната помош за палестинските бегалци и се повикува Израел да ги почитува привилегиите и имунитетот на агенцијата и да не го попречува нејзиното работење.
САД и Израел со критики кон УНРВА
САД го образложија својот глас со став дека текстот не ги зема доволно предвид пошироките мировни напори и потребата од структурни реформи во УНРВА.
Израел, пак, со години изнесува сериозни критики кон агенцијата и ја доведува во прашање нејзината неутралност.
Неколку европски држави кои се воздржаа, меѓу кои Германија, истовремено нагласија дека ја поддржуваат хуманитарната улога на УНРВА, но бараат дополнителни реформи и поцврсти гаранции за нејзината неутралност.
Следува гласање во Генералното собрание
Важно е дека гласањето на 18 ноември е одржано во Четвртиот комитет на Генералното собрание, кој ги разгледува политичките и деколонизациските прашања.
Усвоениот текст сега треба да биде испратен на конечно разгледување и гласање во пленарната седница на Генералното собрание.
Со вчерашниот глас, Македонија гласаше против резолуцијата за УНРВА заедно со САД, Израел и уште шест држави, додека огромното мнозинство членки на ОН го поддржаа текстот.
🇲🇰🇵🇸 North Macedonia joined the US and Israel in voting against the UN resolution reaffirming support for UNRWA, the agency providing assistance to Palestinian refugees.
Most of Balkans abstained:
🇦🇱 🇷🇸 🇧🇬 🇷🇴 🇸🇮 🇭🇺 https://t.co/NwoZGQvtqF— kos_data (@kos_data) November 18, 2026






