MKinformer

your daily dose of news

МВР поднесе кривична пријава против две лица, сопственички на домови за стари лица во Скопје

08/10/2025 10:34

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против две лица од Скопје, Н.Ј. (47) и Т.И. (58), поради основано сомнение за продолжена злоупотреба на службената положба и овластување и малтретирање во вршење на службата.

Според соопштението на МВР, двете осомничени како сопственички и овластени лица на приватни установи за социјална заштита на стари лица, делувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да стекнат противправна имотна корист ги повредиле правата на згрижените лица. Во периодот од 2022 година до денес, тие сместувале повеќе корисници од дозволениот број, немале соодветен стручeн кадар, не воделе пропишана евиденција, како и досиеја за корисниците, а оброците не ги исполнувале стандардите пропишани со дозволите.

При вонреден инспекциски надзор биле констатирани бројни неправилности, а за услугата која не ги исполнувала законските услови наплаќале високи износи, со што месечно остварувале имотна корист од околу 2,2 милиони денари.

Во текот на претресите во домовите, едниот на улицата „Рудо“ во Бутел, а другиот на улица „Козара“ во Центар, утврдено е дека двете осомничени вршеле и физичко и психичко насилство врз корисниците. Старите лица биле изложени на понижувачки и нечовечки третман, сместувани над дозволениот капацитет, а дел биле принудени да спијат по двајца во еден кревет или на троседи.

МВР информира дека кај дел од корисниците била користена несоодветна терапија без лекарски рецепт, а во домовите биле служени оброци со производи со изминат рок. На сите згрижени лица им биле извршени лекарски прегледи и анализи од Институтот за судска медицина.

Двете установи се затворени, а надлежните државни органи обезбедиле ново и соодветно сместување за старите лица.

error: Содржината е заштитена од копирање !!