MKinformer

your daily dose of news

Откако постои дискотеката „Пулс“ во Кочани, ниту еднаш немала инспекциски надзор – кривична пријава против осум инспектори

03/07/2026 15:39

Откако постои дискотеката „Пулс“ во Кочани, ниту еднаш немала инспекциски надзор по службена должност, произлегува од информациите на МВР за кривичната пријава поднесена против осум инспектори.

Одделението за внатрешни работи Кочани денеска до Основното јавно обвинителство Кочани поднесе кривична пријава против осум лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Пријавата е поднесена против С.Ш.С. од Македонски Брод, С.Ѓ. од Скопје, како и против З.М., С.З., Т.К., Н.Д., Г.П. и М.З.С., сите од Кочани.

Според МВР, пријавените во наведениот период биле службени лица вработени во Државниот инспекторат за труд.

МВР: Ниту еднаш не покренале инспекциски надзор

Од МВР информираат дека во периодот од 2022 година до 16 март 2025 година пријавените, иако биле должни да вршат инспекциски надзор над примената на законите, другите прописи и акти, не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност.

Според соопштението, тоа се однесува на правно лице, односно угостителски објект од Кочани, кој во период од 13 години бил единствен објект од таков вид на подрачјето на општината.

Од МВР наведуваат дека службените лица постапиле спротивно на член 71 став 1 од Законот за инспекциски надзор.

Не било спречено незаконско работење

Во соопштението се додава дека пријавените не спречиле незаконско работење на објектот.

Според МВР, со ваквото постапување во континуитет биле изложени ангажираните лица, односно вработените, на опасност од непроверен и неконтролиран објект.

Од таму наведуваат дека ризикот се однесувал на основните права од работен однос, како и на исполнетоста на потребните мерки за безбедност и здравје при работа.

Остварена противправна имотна корист

Од МВР тврдат дека со непостапувањето било овозможено објектот незаконито да продолжи со вршење угостителска дејност и активно работење.

Според полициското соопштение, на тој начин била остварена противправна имотна корист во вкупен износ од 1.255.977 денари.

Станува збор за дискотеката „Пулс“

Иако во соопштението на МВР не е наведено целосното име на угостителскиот објект, според датумот, описот и карактеристиката дека станува збор за единствен објект од таков тип во Кочани, се работи за дискотеката „Пулс“.

Во оваа дискотека трагично загинаа 63 лица.

Кривичната пријава е доставена до ОЈО Кочани, а понатамошното постапување е во надлежност на обвинителството.

error: Содржината е заштитена од копирање !!