Битолското обвинителство бара замрзнување на имот во Србија поврзан со случајот РЕК Битола
21/10/2025 11:24
Основното јавно обвинителство Битола упати итно барање до надлежните органи во Србија за замрзнување на имот во сопственост на правно лице од Белград, кое има поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола.
Барањето, испратено преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, се однесува на 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат посредна имотна корист стекната од кривични дела.
Српските органи беа замолени да ја забранат продажбата, преносот или оптоварувањето на возилата, како и да го обезбедат и отворат сеф во српска банка, за кој е утврдено дека го поседува осомничениот, со цел да се утврди неговата содржина.
Српското обвинителство ги прифатило барањата и издало наредби за замрзнување на наведениот имот.
Покрај ова, во Македонија се замрзнати околу 30 милиони денари од сметките на осомничениот и неговата фирма, а обвинителството побарало и забрана за располагање со дополнителен движен и недвижен имот, меѓу кои три стана во Скопје, градежна парцела, гаража, како и неколку возила.
Овие мерки се преземени поради сомнение дека имотот претставува незаконски стекнат принос од кривични дела поврзани со злоупотреби во РЕК Битола, за кои беше покрената истрага на 9 октомври.





