Поднесена кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство
29/10/2025 11:01
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (З.А.), поради сомнение за сторено кривично дело „проневера во службата“ по член 354 став 1 од Кривичниот законик.
Пријави се поднесени и против поранешниот заменик директор Ф.М., како и против уште пет лица – вработени во Агенцијата, осомничени дека помогнале во извршувањето на делото.
Според информациите од МВР, во периодот од 2017 до 2020 година, поранешниот директор во повеќе наврати примал незаконски повисоки дневници за службени патувања во странство, прибирајќи противправна имотна корист за себе. Наместо дозволените 20%, тој земал 50% од дневниците, иако трошоците за сместување и исхрана не паѓале на товар на институцијата.
Во случајот, заменик директорот Ф.М. со потпишување на решенијата за службени патувања му помогнал на поранешниот директор да ја спроведе проневерата. Другите осомничени – Л.У., А.Р., Е.Т., А.Б. и А.Б. – изготвувале и одобрувале решенија за исплата на парични средства, иако знаеле дека се спротивни на уредбата.
На овој начин, поранешниот директор незаконски се стекнал со имотна корист од 62.530 денари, а на штета на буџетот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
МВР информира дека по документирањето на случајот, доказите се доставени до Обвинителството, кое ќе постапува понатаму.






