MKinformer

your daily dose of news

По една деценија притвор: Ханибал Гадафи ослободен од либански затвор

11/11/2025 10:11

По десет години поминати во притвор, Ханибал Гадафи, синот на поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи, е ослободен од затвор во Либан, потврдија неговиот адвокат и судски извори.

Адвокатот Насиб Чедид за германската агенција ДПА изјави дека Гадафи е пуштен на слобода со кауција од 900.000 американски долари, а воедно му е укината и забраната за патување. Оваа одлука следува само неколку дена откако либанските власти ја намалија првично побараната кауција од 11 милиони долари.

Ханибал Гадафи, кој денес има 50 години, беше уапсен во 2015 година поради нелегален влез во Либан од Сирија. Тој беше обвинет дека поседува информации за исчезнувањето на шиитскиот верски лидер Муса ал-Садр, кој исчезна во Либија во 1978 година.

Шиитското движење Амал со години го смета режимот на Гадафи за одговорен за исчезнувањето на свештеникот, додека Либија постојано негира каква било вмешаност.

Случајот со Муса ал-Садр и натаму претставува едно од најконтроверзните прашања во поновата историја на Либан и често е извор на дипломатски тензии меѓу Бејрут и Триполи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!