MKinformer

your daily dose of news

Сенатот на САД го одобри буџетот и стави крај на најдолгата блокада на владата во американската историја

11/11/2025 10:20

Американскиот Сенат доцна синоќа го одобри законот за финансирање на федералната влада, со што се стави крај на најдолгата блокада на институциите во историјата на САД. Со 60 гласа „за“ и 40 „против“, мерката овозможува нормално функционирање на владата до крајот на јануари, јави германската агенција ДПА.

Гласањето претставува значаен политички пробив по 41-дневниот застој кој остави стотици илјади федерални службеници без плати и сериозно ги наруши јавните услуги.

Законот сега треба да биде разгледан и усвоен од Претставничкиот дом на Конгресот, каде што републиканците на претседателот Доналд Трамп имаат тесно мнозинство. Според најавите, само мал број пратеници изразиле резерви кон пакетот, па се очекува брзо гласање и конечна потврда на законот.

Доколку Долниот дом даде зелено светло, буџетот ќе биде испратен до претседателот Трамп за негов потпис — процедура што се смета за формалност.

Блокадата започна на 1 октомври, кога демократите и републиканците не успеаја да постигнат договор околу федералниот буџет. Поради тоа, финансирањето на државните институции, вклучително и платите на федералните работници, војската и социјалните програми, беше прекинато.

Иако републиканците имаат 53 од 100 места во Сенатот, за донесување на буџетот беа потребни 60 гласа. Пробивот стана можен откако дел од демократските сенатори го променија својот став и дадоа поддршка на компромисното решение.

Со ова гласање, американската влада конечно ќе може да продолжи со своето нормално функционирање, а кризата што траеше повеќе од еден месец се приближува кон крај.

error: Содржината е заштитена од копирање !!