Србија го одбележува Денот на примирјето во Првата светска војна
11/11/2025 11:37
Во Србија денес се одбележува Денот на примирјето во Првата светска војна, во спомен на 11 ноември 1918 година, кога беше потпишано примирјето меѓу силите на Антантата и Германија, со што заврши најразорната војна до тој момент.
Премиерот Ѓуро Мацут положи венец на Споменикот на непознатиот војник на Авала, во присуство на министерот за одбрана Братислав Гашиќ и началникот на Генералштабот, генерал Милан Мојсиловиќ. По церемонијата, Мацут се потпиша во спомен-книгата, истакнувајќи дека „се чува споменот на хероите кои го дадоа животот за слободата на Србија“.
Во рамки на одбележувањето, ќе се одржи и државна церемонија на положување венци во костурницата на бранителите на Белград, предводена од министерката за труд и ветерани Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.
Примирјето од 1918 година стапи на сила на 11 ноември во 11 часот, по потпишувањето во Компјењ, Франција. Во Првата светска војна загинаа над 17 милиони луѓе, а Србија изгуби речиси една третина од своето население.






