MKinformer

your daily dose of news

Во Скопје се одбележуваат 24 години од загинувањето на осумте бранители кај Љуботенски Бачила во 2001 година, со комеморации и положување цвеќе

10/08/2025 8:41

Денеска на повеќе локации во Скопје ќе се одржат комеморативни настани по повод 24-годишнината од загинувањето на осуммина бранители, припадници на резервниот состав на Армијата, кои го загубија животот на 10 август 2001 година кај месноста Љуботенски Бачила.

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, ќе положи венци и свежо цвеќе на повеќе спомен-обележја: пред споменот на паднатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров, на споменикот на паднатите бранители во село Волково, на споменикот во село Љубанци и на спомен-плочата во касарната „Илинден“.

Делегација на Собранието, во состав на пратеничките Емилија Ангелова и Каролина Насковска, ќе положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето во село Љубанци.

Општина Ѓорче Петров ќе организира оддавање почит пред спомен-чешмата на Томислав Настевски – Бумбар, во урбаната заедница Мирче Ацев, а централната комеморација ќе се одржи пред споменикот на загинатите бранители во Волково.

На 10 август 2001 година, осуммина припадници на резервниот состав на Армијата – Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски – загинаа кога нивното воено возило налета на мина на патот кон Љуботенски Бачила.

На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој во 2000 година загина во Арачиново за време на вооружен напад врз полициска патрола.

error: Содржината е заштитена од копирање !!