MKinformer

your daily dose of news

Стоилковиќ во Белград: Македонија и Србија ја зајакнуваат економската соработка и регионалното партнерство

13/11/2025 8:21

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, престојуваше во Белград, каде оствари работна средба со потпретседателката на Владата и министерка за економија на Република Србија, Адријана Месаровиќ.

На средбата се разговараше за натамошно унапредување на економската соработка, поттикнување на заеднички инвестиции и можности за заеднички настап на трети пазари, како подготовка за претстојниот македонско-српски бизнис форум што ќе се одржи на 3 декември во Скопје.

„Нашата заедничка цел е да ја интензивираме економската соработка и да ја зголемиме надворешнотрговската размена. Остваривме конструктивен состанок со потпретседателката Месаровиќ и веќе гледаме позитивни резултати. Во првите девет месеци од годинава реализиравме трговска размена од над 1,1 милијарда евра, што покажува стабилен раст во однос на минатата година“, изјави Стоилковиќ.

Тој нагласи дека оваа посета е уште една потврда на континуираниот дијалог и партнерството меѓу двете земји, насочени кон создавање стабилен, економски поврзан и европски ориентиран Западен Балкан.

Стоилковиќ најави дека, на бизнис форумот во Скопје ќе се разговара за конкретни проекти и можности за пласман на македонски и српски производи на двата пазари. „Владата спроведува одговорна економска политика што носи реални резултати и раст, отворање нови пазари и поголема регионална стабилност“, додаде Стоилковиќ.

Средбата заврши со заедничка констатација дека економското партнерство меѓу Македонија и Србија продолжува да се развива во духот на доверба, пријателство и заемна корист.

error: Содржината е заштитена од копирање !!