Ревизијата во М-НАВ открива: 230.000 евра годишно додатоци за директорскиот кадар на плата од речиси 3000 евра
24/11/2025 20:31
Директорите на државното акционерско друштво „Македонски навигации“ (М-НАВ), институцијата задолжена за контрола на авиосообраќајот, и минатата година си поделиле околу 230.000 евра дополнителни средства над основната плата, како дел од надоместоците за „клучен раководен кадар“.
Овој податок е наведен во независниот ревизорски извештај за работењето на М-НАВ во 2024 година, објавен на „Македонска берза“. Вкупната распределена сума од 14.107.000 денари речиси не се разликува од онаа во претходната година, што укажува на континуитет на високите менаџерски привилегии.
Во компанијата, овој тип надоместок најчесто се исплатува преку менаџерски договори кои овозможуваат поголема флексибилност при утврдување на бонуси, додатоци и специфични услови за раководителите. Овие договори се користат за дополнително вреднување на највисоките позиции над основните плати.
Паралелно, М-НАВ бележи и значително зголемување на просечната плата. Според завршната сметка, нето платата во 2024 година достигнала речиси 3.000 евра месечно. За 309 вработени биле исплатени 10,3 милиони евра, повеќе од 1,1 милион евра зголемување во однос на годината пред тоа. Просекот во нето износ изнесувал околу 170.000 денари, односно 2.780 евра.
Од компанијата појаснуваат дека растот на платите е резултат на нов колективен договор и неговиот дополнителен анекс, како и на враќањето на делот од платите што беше замрзнат за време на пандемијата. Бил забележан и пораст на авиосообраќајот, што позитивно влијаело на приходите.
„Македонски навигации“ важи за една од најатрактивните државни компании за вработување, поради специфичната улога и стабилните финансиски приливи. М-НАВ управува со авиосообраќајот над македонското небо (прелети), полетувања и слетувања, а најголемиот дел од приходите ги добива преку „Еуроконтрол“, европското тело што го администрира воздушниот простор.
Според финансиските проекции за годинава, компанијата планира приходи од 23,33 милиони евра, главно од наплата на прелети, како и од терминални услуги и комуникациска поддршка што ја обезбедува, вклучително и услугите за Hungarocontrol.






