Ревизија откри слабости и незаконитости во ПИОМ
23/06/2026 10:18
Ревизорски извештај открива слабости и незаконитости во работењето на ПИОМ
Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во 2024 година открива сериозни финансиски и административни слабости. Ревизорите дале неповолно мислење и за финансиските извештаи и за законитоста на работењето на Фондот.
Пензискиот систем зависен од буџетот
И покрај растот на приходите од придонеси од 14 проценти во однос на претходната година, кои достигнале 71,4 милијарди денари, тие не биле доволни за покривање на расходите за пензии од над 90,2 милијарди денари. Трансферите од Буџетот учествувале со 36,71 проценти во вкупните приходи на ПИОМ, што претставува зголемување од 4,14 процентни поени во однос на 2023 година.
“Ова покажува дека пензискиот систем останува структурно зависен од буџетска поддршка”, оценуваат ревизорите.
Влошен однос осигуреници-пензионери
На крајот на 2024 година во државата имало 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери, што значи дека на еден пензионер доаѓале само 1,63 осигуреници. Една година претходно овој однос бил 1 спрема 1,70, што укажува на дополнителен притисок врз одржливоста на системот.
Доцнење од два месеца за вториот столб
Иако Фондот навремено ги пресметува и доставува обврските, средствата не се префрлаат навреме кон приватните пензиски друштва. Во текот на 2024 година просечното доцнење било околу два месеца, а заклучно со 27 февруари 2026 година бил евидентиран долг од речиси 2,6 милијарди денари по основ на нераспределени придонеси.
Осум месеци доцнење за здравствени придонеси
Уште посериозен проблем е доцнењето на уплатите кон Фондот за здравствено осигурување. Во текот на 2024 и 2025 година исплатите доцнеле по неколку месеци, а до крајот на февруари годинава доцнењето достигнало осум месеци. Неподмирените обврски за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесуваат 8,4 милијарди денари, односно околу 136,4 милиони евра.
Ревизорите наведуваат дека ваквата состојба им овозможува на пензионерите непречено да користат здравствени услуги, но истовремено негативно влијае врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување.
Хроничен недостиг од кадар и административни слабости
Ревизорите укажуваат и на хроничен недостиг од стручен кадар во ПИОМ, особено во клучните сектори, подрачните единици, информатичките служби и внатрешната ревизија. Откриени се и низа административни слабости, меѓу кои неевидентиран имот, нецелосен попис на земјиште, слабости при издавање деловен простор под закуп, како и пропусти во јавните набавки и во управувањето со домовите за сместување на пензионери.
Ревизорите дале препораки за надминување на утврдените состојби, по кои надлежните институции имаат обврска да постапат.





