MKinformer

your daily dose of news

Карпош единствена скопска општина без исплатен К-15 кон вработените, над 250 милиони доспеани обврски и 200 милиони помалку приходи во споредба со лани

02/10/2026 12:59

Карпош со над 200 милиони денари помалку приходи влегува во последниот квартал од 2026 година во споредба со приходите остварени во 2025 година, според податоците до кои дојде МК Информер од кварталните извештаи.

Паралелно со послабата приходна страна, Општината акумулира и значителни доспеани обврски кои не се сервисираат навреме.

Официјалните податоци покажуваат дека заклучно со 30 јуни 2026 година Карпош има 253.815.560 денари доспеани ненамирени обврски.

Овие бројки директно покажуваат дека значителен дел од обврските кон доверителите не биле исплатени во предвидениот рок.

Изведувачи на јавни работи чекаат наплата

Според информации на МК Информер, меѓу доверителите кои чекаат исплата има и компании ангажирани за јавни работи на територијата на Општина Карпош.

Станува збор за изведувачи кои веќе извршиле работи или услуги, а наплатата доцни.

Официјалната бројка од 253,8 милиони денари доспеани ненамирени обврски ја потврдува тежината на проблемот со нередовното сервисирање на обврските.

Особено е значајно што повеќе од 190 милиони денари биле постари од два месеца.

Тоа значи дека не станува збор само за тековни фактури, туку и за обврски кои подолг период останаваат неплатени.

Вработените сè уште без К-15

Проблемите со ликвидноста, според информации на МК Информер, се чувствуваат и во општинската администрација.

Според официјаните податоци за споредба со другите општини, Карпош е единствената скопска општина во која вработените сè уште ја чекаат исплатата на К-15 и регресот за годишен одмор.

Над 200 милиони денари помалку приходи

Според анализата и споредбата на Буџетите од 2025 и 2026 година од страна на МК Информер, Општина Карпош во 2026 година има повеќе од 200 милиони денари помалку приходи во споредба со 2025 година.

До крајот на годината останува само последниот квартал.

Тоа значи дека Општината во последните три месеци би требало да генерира дополнителни приходи од над 200 милиони денари само за да ја затвори разликата во однос на минатата година.

Со оглед на досегашната динамика, таа цел е неостварлива ако се земе во превид дека последниот квартал традиционално е најтежок за генерирање приходи на општините.

Новото раководство наследило финансиска резерва

Новото раководство на Општина Карпош, предводено од градоначалникот Сотир Лукровски, ја започна 2026 година со пренесени средства од претходниот буџетски период.

Во првичната буџетска конструкција е пренесен вишок од околу 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра. Дополнително, Лукровски ја презеде општината со регулирани обврски кон добавувачи и изведувачи на јавни работи за општината.

Со првиот ребаланс, пак, биле распределени 23,3 милиони денари пренесен вишок.

Тоа значи дека новата локална власт не ја започна годината со празна каса.

Стравување и за редовноста на платите

Во Општината расте загриженоста околу финансиската состојба.

Се стравува дека, доколку продолжи сегашниот тренд, може да се појават проблеми и со редовноста на исплатата на платите.

253,8 милиони денари обврски се клучниот сигнал

Финансиската состојба најјасно се гледа преку обврските што веќе пристигнале за плаќање, а не биле подмирени.

Заклучно со крајот на јуни, тие изнесувале 253,8 милиони денари.

Повеќе од три четвртини од нив биле обврски постари од 60 дена.

Токму овие бројки покажуваат дека Општината има проблем со редовното сервисирање на своите обврски, вклучително и кон дел од изведувачите на јавни работи.

Карпош со над 200 милиони денари помалку приходи влегува во последниот квартал со високи доспеани обврски, доцнења кон изведувачи, неисплатен К-15 и растечка загриженост кај дел од вработените.

Д.Т.

error: Содржината е заштитена од копирање !!