MKinformer

your daily dose of news

По реакциите од Бугарија, Мицкоски тврди: „Ниту имало, ниту постои напад“

26/11/2025 18:49

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно“ ги отфрла наводите дека новинарот и публицист Владимир Перев бил нападнат во Скопје, иако 80-годишниот Перев претходно пријавил во полиција дека бил физички нападнат на 21 ноември во маркет во општина Центар.

„Апсолутно отфрлам дека каков било напад е направен врз ова лице“, рече Мицкоски, додавајќи дека се работи за „конструкции и инженеринг“ кои, како што тврди, доаѓаат од Бугарија.

Премиерот со иронија наведе дека секоја ситуација може да се прикаже како хибриден напад:
„Некој може да накисне на дожд и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата. Ако некој решил да се самоповреди и тоа да го претстави како напад, тоа е друга работа“, изјави тој.

Мицкоски нагласи дека бил во консултации со надлежните институции и дека според информациите што ги добил, никаков напад не бил извршен.

Изјавата доаѓа по реакциите на Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот претседател Румен Радев, кои побараа ефикасна истрага по објавите дека Перев бил нападнат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!