MKinformer

your daily dose of news

Вардар со победа над Тулуз се „бетонираше“ на врвот во групата

02/12/2025 21:45

Екипата на Вардар со победа од 37-35 над Феникс од Тулуз ја заокружи првата групна фаза во Лигата на Европа. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ немаше резултатско значење за вардарци, кои и пред овој дуел имаа обезбедено пласман во следната рунда.

Првото полувреме се играше израмнето, гол за гол, но Тулуз со два брзи погодоци кон финишот замина на одмор со предност од 14-16. Во вториот дел гостите во неколку наврати имаа и три гола разлика, предност која траеше до 19-22. Потоа следуваше силна серија на Вардар од 6-1, со што црвено-црните поведоа со 25-23 и ја презедоа контролата врз натпреварот.

Вардар во продолжението стигна и до највисока предност од пет гола, а мечот заврши со конечни 37-35, што значи петта победа во шест одиграни дуели. Со тоа, македонскиот вицешампион го потврди првото место во својата група.

Понатаму од групата оди и шведскиот Кристијанштад како второпласиран. Во втората групна фаза, Вардар и Кристијанштад пренесуваат по два бода и ќе играат против германскиот Мелсунген и португалската Бенфика.

Натпреварите од новата фаза ќе се играат во февруари. Прво пласираните ќе обезбедат директен пласман во четвртфиналето, додека второ и трето пласираните тимови од четирите групи ќе разигруваат во плеј-офот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!