Ѓорѓиевски најави нови мерки за угостителите: сопствени контејнери, тарифници и построги правила за урбан ред
03/12/2025 10:03
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави сет нови мерки за уредување на работењето на угостителските објекти и подобрување на урбаниот ред во главниот град, по средбата со претставници на угостителскиот сектор. Тој истакна дека е неопходно да се воспостави баланс меѓу живиот ноќен живот и редот во јавниот простор.
Како што рече градоначалникот:
„Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но истовремено го враќаме и редот. Ова е заедничка обврска кон граѓаните“.
Меѓу договорените мерки е обврската секој угостителски објект да обезбеди сопствени контејнери за отпад и да добие посебен тарифник со прецизно дефинирани правила и термини за собирање на отпадот. Целта е да се стави крај на нередот околу угостителските зони и да се создаде поуредена и поодговорна средина.
Беше договорено и воведување на посебен советник за комуникација меѓу угостителите и градот, а за таа улога е назначен Драган Арсовски, избран по предлог и согласност на сите чинители во секторот.
Угостителите се обврзаа до 15 јануари да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема, која во претходните години не била наплаќана, со што се очекува воспоставување појасни правила и праведен ред во управувањето со јавните простори.






