MKinformer

your daily dose of news

Апел од РСБСП: Зголемена внимателност на патиштата за продолжениот викенд

05/12/2025 11:33

Во пресрет на празникот 8 Декември, Денот на Свети Климент Охридски, кога многумина ќе ги искористат неработните денови за патување и одмор, се очекува значително зголемен интензитет на сообраќајот на главните патни правци, особено кон туристичките центри.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите возачи и учесници во сообраќајот да бидат особено внимателни и одговорни. Совесното однесување, велат од Советот, е клучно за безбедно пристигнување на саканата дестинација во услови на засилен сообраќај.

Од РСБСП потсетуваат на потребата од строго почитување на сообраќајните правила и прописи, прилагодување на брзината според условите на патот, задолжително користење сигурносен појас и избегнување консумирање алкохол доколку се вози. Возачите се повикуваат навремено да ја проверат техничката исправност на возилата, да обезбедат соодветна зимска опрема и да се информираат за актуелната состојба на патиштата.

„Празниците се време за создавање спомени, семејни средби и убави моменти, а не за непромислени одлуки што можат да завршат трагично“, порачувaат од РСБСП, додавајќи дека заедничката цел е секој граѓанин безбедно да стигне таму каде што тргнал.

„Возете внимателно, секој живот е важен!“

error: Содржината е заштитена од копирање !!