Русија го повлече амбасадорот од Скопје: Путин го разреши Сергеј Баздникин
09/12/2025 19:46
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој го разреши Сергеј Александрович Баздникин од функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија.
Во документот, објавен на официјалниот портал за правни акти на Руската Федерација, јасно се наведува:
„Да се ослободи Сергеј Александрович Баздникин од функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија“.
Причините за отповикувањето на Баздникин не се прецизирани, што дополнително отвора простор за шпекулации и го засилува дипломатскиот набој околу овој потег на Москва.
Сергеј Баздникин (58) ја предводеше руската амбасада во Скопје од 2018 година. Неговиот мандат беше обележан со значително влошување на односите меѓу двете земји, особено по 2022 година, кога по почетокот на војната во Украина, Република Македонија протера дел од руските дипломати.
Останува нејасно дали разрешувањето на Баздникин е рутинска дипломатска одлука, дел од пошироки кадровски рокади или сигнал за нова фаза во односите меѓу Москва и Скопје, во услови на зголемени геополитички тензии.






