Интервју за „Политико“: Трамп се заканува со копнени напади во Венецуела и проширување на воени операции
09/12/2025 22:56
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, продолжи со остри пораки кон Венецуела, најавувајќи можност за копнени воени напади насочени кон трговците со дрога, во интервју за „Политико“ објавено денеска. Изјавите доаѓаат во момент кога неговата администрација подготвува брифинг за американските пратеници, наспроти зголемените тензии со латиноамериканската земја.
Трамп изјави дека не ја исклучува можноста за проширување на воените операции против нарко-картелите и во Мексико и Колумбија, нагласувајќи дека борбата против трговијата со дрога ќе остане еден од неговите безбедносни приоритети.
Во истото интервју, американскиот претседател упати остри критики кон Европа, оценувајќи дека европските политички лидери се слаби и неспособни да носат клучни одлуки.
„Тие се слаби. Сакаат да бидат политички коректни и не знаат што да прават. Европа не знае што да прави“, рече Трамп.
Осврнувајќи се на Латинска Америка, Трамп повторно одби директно да ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Венецуела, во рамки на напорите за соборување на претседателот Николас Мадуро.
„Не сакам да коментирам за воени стратегии“, изјави Трамп, избегнувајќи конкретен одговор за евентуална копнена интервенција.
Тој се осврна и на состојбата во Украина, оценувајќи дека е време земјата да одржи нови избори, со образложение дека војната влегува во својата четврта година.
Во интервјуто, Трамп зборуваше и за унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого јавно го поддржува. Тој потврди дека не му ветил финансиска помош, иако, како што рече, такво барање било поставено за време на нивната средба во Белата куќа минатиот месец.
„Не, не му ветив, но тој сигурно ја побара“, изјави Трамп.






