Благајник од болницата во Прилеп за две години ставил 250.000 евра во џеб наместо на сметка на болницата
12/12/2025 20:50
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп против Д.К., вработен како службено лице во ЈЗУ Општа болница со проширена надлежност „Борка Талески“ Прилеп, поради основано сомнение за сторено кривично дело „Проневера во службата“.
Според информациите од Финансиската полиција, пријавениот во периодот од 1 јануари 2020 до 31 декември 2021 година, додека ја извршувал функцијата самостоен референт – главен благајник во секторот за материјално-финансиско работење, во повеќе наврати присвојувал парични средства наплатени од пациенти.
Станува збор за средства наплатени по основ на партиципација и приватни здравствени услуги, кои наместо да бидат уплатени на сметката на болницата, биле задржувани и противправно присвоени. На овој начин, во текот на 2020 година биле присвоени 6.568.726 денари, а во 2021 година уште 8.494.558 денари.
Со ваквото постапување, според пријавата, пријавениот го оштетил буџетот на Општата болница Прилеп за вкупен износ од 15.063.284 денари.
По насоки на Основното јавно обвинителство Прилеп, лицето утрово било лишено од слобода од страна на Финансиската полиција и било изведено пред судија на претходна постапка при Основниот суд Прилеп.
Од Финансиската полиција потврдуваат дека истрагата продолжува, а денешното приведување е поврзано со претходно најавени сомнежи за финансиски криминал во прилепската болница.






