MKinformer

your daily dose of news

Путин: Руските сили го зазедоа Северск, следен е Славјанск

12/12/2025 16:17

Рускиот претседател Владимир Путин и началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, денеска соопштија дека руските сили воспоставиле контрола врз источноукраинскиот град Северск, што, според Москва, создава услови за понатамошно напредување на фронтот во регионот Донбас, пренесува ДПА.

На состанокот што беше емитуван на руската државна телевизија, а делумно и преку видео врска, Путин изјави дека заземањето на Северск отвора можност за нови успешни операции во други правци во источна Украина.

„Ова значи дека сега се можни други успешни напади во други правци во источниот регион Донбас“, рече рускиот претседател.

Украинските власти засега официјално не дадоа коментар за тврдењата од Москва.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека следната цел на руските сили е градот Славјанск, кој пред почетокот на војната во 2022 година имал повеќе од 100.000 жители.

Путин ја пофали состојбата на бојното поле, оценувајќи ја како позитивна за руската армија, и упати пофалби до војниците.

„Стратешката иницијатива целосно е во рацете на руската војска“, изјави тој, додавајќи дека операциите за преземање контрола врз регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје продолжуваат.

Рускиот претседател не се осврна на тековните дипломатски напори за завршување на војната, ниту на мировниот план предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако претходно изјави дека предлозите на Трамп може да послужат како основа за разговори, Путин повтори дека Москва е подготвена да ги оствари своите цели преку воени средства доколку Киев не ги прифати руските услови.

Меѓу тие услови е и барањето Украина да се повлече од деловите на Донбас што сè уште ги контролира, што украинската страна категорично го отфрла.

На денешниот состанок, Путин повторно ја нагласи целта за, како што рече, „протерување на украинските формации од нашата територија и обновување на мирниот живот на територијата на Донбас“.

Москва во септември 2022 година објави анексија на регионите Доњецк и Луганск и нивно вклучување во рускиот устав, иако Русија сè уште нема целосна контрола врз целата територија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!