СДСМ: Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски
12/12/2025 13:07
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска на прес-конференција изнесе сериозни сомнежи за можна финансиска афера поврзана со преземањето на Стопанска банка АД Битола од страна на српската Алта банка.
Тој посочи дека трансакцијата е реализирана пред околу два месеци, со согласност на Народната банка, а директно го спомена и гувернерот Трајко Слаески, отворајќи прашање дали токму оваа зделка стои зад неговиот избор на функцијата.
„Банкарот на Вучиќ – страна банкар и на Мицкоски. Пред два месеци српската Алта банка ја презеде Стопанска банка АД Битола. За тоа согласност дал Трајко Слаески. Дали тоа е причината заради која беше избран за гувернер, за да тивко и експедитивно се реализира оваа зделка?“, праша Димитријевиќ.
Според него, сомнежите дополнително се зголемуваат поради профилот на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, кој, како што рече, од сопственик на менувачница во Земун за краток период станал сопственик на банка и голем инвеститор со договори со државни компании во Србија.
„Како последно, на банката која до вчера била менувачница ѝ е доделен огромен државен бизнис со Електростопанството на Србија – наплатата на сметките за струја“, истакна тој, повикувајќи се на информации од српски медиуми кои, според него, успехот на Мацура го поврзуваат со блиски релации со власта на СНС, Александар Вучиќ и неговото најтесно опкружување.
Димитријевиќ нагласи дека српската опозиција и медиумите редовно го поврзуваат Мацура со криминални активности и со лица под меѓународни санкции, меѓу кои и Милан Радојчиќ. Дополнително, тој потсети дека Европската централна банка претходно го стопирала обидот на Алта банка да влезе на пазарот на ЕУ, поради сомнежи за потеклото на капиталот.
„Кога Мацура се обидел да купи 20 проценти удел во Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот. Според ‘Фајненшел тајмс’, постоела долга истрага за Алта банка“, рече тој.
СДСМ оценува дека ваквото одобрување на преземањето во Македонија отвора сериозен ризик од влез на сомнителни финансиски текови и можност за перење пари.
„Како тоа Европската централна банка презела ваков ригорозен чекор, а Трајко Слаески и НБМ без размислување го одобриле преземањето во Македонија?“, праша Димитријевиќ, додавајќи дека станува збор за банка од понизок ранг.
Тој побара Финансиското разузнавање и Финансиската полиција итно да отворат истрага за потеклото на средствата и потенцијалните ризици.
„Македонија не смее да стане платформа за туѓи политички агенди“, порача Димитријевиќ.




