MKinformer

your daily dose of news

Парагвај спречи инфилтрација на балканска мафија преку границата со Боливија

13/12/2025 13:08

Директорот на Националната служба за миграција на Парагвај, Хорхе Кронаветер, откри дека на граничните премини со Боливија биле детектирани повеќе обиди за инфилтрација на членови на озлогласената балканска мафија. Тој ги изнесе информациите на првиот регионален состанок на мрежата „Атенас“, дел од европско-латиноамериканската програма за соработка „Еврофронт“, пренесе порталот Wochenblatt, а претходно и LaPoliticaOnline.

Според Кронаветер, размената на податоци во рамки на мрежата „Атенас“ била клучна за идентификување лица поврзани со балканските криминални структури. Дел од нив се обидувале да влезат во Парагвај со аргентински лични документи со цел да ги избегнат стандардните проверки.

Миграционите служби, како што посочи тој, регистрирале и лица што одржувале комуникација со групи вмешани во финансирање терористички активности.

Дополнително, откриено е и едно лице барано во Бразил, кое се обидело да патува кон Боливија преку Парагвај со бугарски пасош. Тоа било уапсено и предадено на бразилските власти.

Парагвајските медиуми објаснуваат дека т.н. балканска мафија функционира како криминален синдикат што ги поврзува мрежите од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија, а се занимава со трговија со дрога, оружје, луѓе и обемно перење пари.

Последните меѓународни истраги, според нив, довеле до разбивање на големи операции на оваа мрежа, која важи за една од најголемите организатори на шверц на кокаин од Латинска Америка, особено од Парагвај, кон Европа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!