MKinformer

your daily dose of news

Откриена иранска терористичка мрежа во Македонија, пронајдено оружје и скици: Шест лица подготвувале атентат во Грција

17/11/2026 14:52

Иранска терористичка мрежа во Македонија, составена од шест македонски државјани, била разоткриена во заедничка антитерористичка акција на Агенцијата за национална безбедност и Министерството за внатрешни работи. Според безбедносните служби, членовите на групата преземале подготовки за терористички акт, односно атентат врз однапред определено лице во Грција.

Станува збор за шест лица од Скопје и Куманово, на возраст од 29 до 73 години. Четири лица се во притвор, на едно му е определен куќен притвор, додека шестото сè уште не е достапно за органите на прогонот и по него се трага.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека акцијата била насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела тероризам и терористичка организација.

Подготовки за атентат во Грција

Според директорот на АНБ, Бојан Христовски, македонската мрежа била составена од лица веќе етаблирани во криминални структури во земјава.

Тие, според сознанијата на Агенцијата, добивале директни насоки од иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маванех.

Осомничените преземале логистички и други подготвителни активности за атентат врз однапред определено лице на територијата на Грција.

АНБ наведува дека Маванех е лице за кое постојат индиции дека е поврзано со актери на иранските безбедносно-разузнавачки структури.

Според Агенцијата, тој имал врски и со Наџи Шарифи Зиндашти, кого АНБ го посочува како наркобос поврзан со ирански посреднички мрежи.

Тајни средби и во Иран

Оперативната работа на случајот траела околу девет до десет месеци.

Во координација со грчката национална разузнавачка агенција и други странски партнерски служби бил откриен начинот на функционирање на мрежата.

Според АНБ, членовите одржувале конспиративни средби во трети земји, вклучително и на територијата на Иран.

Преку размена на информации со странските служби биле потврдени и нивните контакти со иранскиот државјанин, кого АНБ го означува како главен носител на планираната операција.

Пронајдени оружје, муниција и скици

Во рамките на полициската акција биле извршени претреси на повеќе локации.

Безбедносните служби одзеле огнено оружје, муниција, мобилни телефони, електронска опрема и скици со означени локации.

Акцијата била реализирана од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Нема сознанија за напад во Македонија

Од АНБ нагласуваат дека во моментов немаат сознанија за подготовка на терористички напад на територијата на Македонија.

Нема ниту информации дека македонски државјани биле планирани како цели на оваа мрежа.

АНБ најавува продолжување на соработката со домашните и странските партнерски служби за откривање други лица кои би можеле да бидат дел од вакви структури.

Разоткриената иранска терористичка мрежа во Македонија, според безбедносните служби, покажува модел во кој криминални структури од други држави се користат за логистичка подготовка на операции и напади.

error: Содржината е заштитена од копирање !!