MKinformer

your daily dose of news

( ВИДЕО ) Големо свлечиште го уништи патот Битола–Маково: без реакција и предупредување за граѓаните

24/12/2025 11:40

Огромно свлечиште се појави на регионалниот пат меѓу Битола и селото Маково, во близина на депонијата Меглинци, во текот на ноќта меѓу 21 и 22 декември, сериозно уништувајки ја патната инфраструктура и отворајќи прашања за безбедноста и (не)одговорноста на надлежните институции.

Според достапните снимки и информации од терен, свлечиштето е долго околу 100 метри и длабоко приближно 15 метри, при што е уништен и асфалтниот патот што секојдневно го користат жители од повеќе рурални населени места. Дел од патната конструкција е буквално прекината, што претставува сериозен ризик за сообраќајот, особено во ноќни услови и при намалена видливост.

И покрај сериозноста на ситуацијата, до овој момент нема официјално соопштение за тоа дали патот е целосно или делумно затворен, ниту пак има било каква информација за поставена соодветна сигнализација која би ги предупредила возачите. Овој молк од надлежните дополнително ја зголемува загриженоста кај граѓаните, со оглед дека станува збор за патен правец кој не е алтернативно лесно заменлив.

Прашањето што се наметнува е дали ова свлечиште е резултат само на временски услови или, пак, станува збор за долгогодишно занемарување на теренската стабилност, одржувањето на патот и влијанието на депонијата Меглинци врз околниот простор. Локалното население веќе подолго време предупредува на проблеми со подронување и нестабилен терен, но реакциите досега очигледно изостанале.

Додека институциите молчат, граѓаните се принудени сами да проценуваат дали е безбедно да го користат патот. Овој настан уште еднаш ја отвора темата за превенцијата, контролата и одговорноста во управувањето со патната инфраструктура, наместо реакција дури откако ќе се случи сериозен инцидент.

Јавноста со право очекува итна проценка на состојбата, јасни информации за безбедноста на сообраќајот и конкретен план за санација, пред свлечиштето да прерасне во уште поголем ризик по животите на граѓаните

error: Содржината е заштитена од копирање !!