MKinformer

your daily dose of news

(ФОТО+ВИДЕО) Скандал во Кисела Вода: улица пукна по само 5 месеци

20/02/2026 23:35

Само пет месеци по реконструкцијата и санацијата на свлечиште на улицата „Мариовска“ во скопската општина Кисела Вода, реалноста повторно ги демантираше ветувањата за „квалитетна инфраструктура“. Деновиве повторно се активира истото свлечиште, а улицата буквално се распука, како никогаш да не била реконструирана.

Среќна околност е што во моментот нема снег или врнежи, па оштетувањата биле навреме забележани. Во спротивно, последиците можеа да бидат далеку посериозни и опасни за жителите и возачите кои секојдневно ја користат оваа улица.

Но најшокантното допрва следува. Со распукнувањето на асфалтот се откри и дебелината на асфалтниот слој, едвај околу 5 сантиметри, иако според стандардите треба да изнесува минимум 8 сантиметри. Разликата не е техничка ситница, туку сериозен показател за можно нестручно, некомпетентно и фалично изведување на реконструкцијата.

Прашањето кое логично се поставува е: Кој ќе понесе одговорност?

Доколку постоеше функционален правен систем, веднаш по објавувањето на видеото од терен ќе следуваа институционални реакции. На одговорност, најпрво би бил повикан проектантот кој ја изработил документацијата за реконструкција и санација на свлечиштето  (доколку воопшто постои соодветен проект). Потоа изведувачот кој прифатил или одлучил да постави потенок асфалтен слој од пропишаното. Конечно, одговорност мора да понесе и лицето или комисијата што ја примиле улицата како завршена и ја пуштиле во употреба.

Дополнителна загриженост предизвикува и реакцијата на институциите. Свлечиштето било пријавено во општината околу 15 часот, но бидејќи станувало збор за крај на работното време, случајот бил оставен за следниот ден. Без итни мерки, без официјален одговор и без информација што ќе биде преземено и покрај фактот што станува збор за буквално нова улица.

Граѓаните со право прашуваат: Дали јавните пари повторно завршиле во лошо изведен проект, а без одговорност за никого?

error: Содржината е заштитена од копирање !!