Ловџија од Кавадарци загина по пад од карпа висока 150 метри, пожарникари го извлекоа телото
27/12/2025 13:49
Територијалната противпожарна единица од Кавадарци денеска интервенираше при извлекување на безживотно тело на жител на градот, кој трагично го загубил животот откако паднал од карпа висока околу 150 метри за време на лов.
Од ТППЕ Кавадарци информираат дека по добиената дојава веднаш била формирана спасувачка екипа составена од пет пожарникари, кои на терен излегле со специјализирана алпинистичка опрема за интервенции на височина.
Акцијата била спроведена во координација со четворица припадници на Министерството за внатрешни работи од Кавадарци, како и со двајца членови од семејството на починатиот. Поради исклучително стрмниот, длабок и непристапен терен, спасувачите морале меѓусебно да се обезбедуваат со јаже и друга алпинистичка техника за да се избегне дополнителен ризик по нивната безбедност.
По повеќечасовен и физички исклучително напорен ангажман на лизгав и карпест терен, телото било успешно извлечено од бездната и предадено на надлежните органи за понатамошна постапка.
Од Територијалната противпожарна единица Кавадарци изразија длабоко сочувство до семејството на настраданиот и нагласија дека и понатаму ќе постапуваат со максимална професионалност секогаш кога е загрозен човечки живот.






