Артан Груби виден во Приштина, тврди косовски медиум
09/01/2026 8:28
Извор на новинската агенција Косова прес тврди дека поранешниот вицепремиер на Македонија, Артан Груби, бил забележан вчера попладне во косовската престолнина Приштина.
Според наводите објавени од косовскиот медиум, Груби, кој од декември 2024 година е во бегство од правдата и се наоѓа на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави, наводно престојува во населба во близина на центарот на градот.
Истиот извор тврди дека поранешниот функционер бил виден во придружба на две деца. Во моментот кога бил забележан, Груби носел зимска јакна, спортска облека и капа, а имал и пуштена брада.
Засега нема официјална потврда од надлежните институции во Косово или Македонија за овие тврдења, ниту пак реакција од самиот Груби. Случајот предизвикува зголемено внимание во јавноста, имајќи ја предвид неговата правна состојба и меѓународниот интерес за неговото движење.





