MKinformer

your daily dose of news

Кина со жестока критика кон САД за Гренланд: Арктикот е интерес на целата меѓународна заедница

12/01/2026 12:52

Министерство за надворешни работи на Кина издаде официјално соопштение во врска со американските претензии кон Гренланд, оценувајќи дека Арктикот претставува клучен регион за целата меѓународна заедница, а не за поединечни државни интереси.

Како што пренесува Синхуа, Пекинг остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави, порачувајќи дека не треба „да ги користат другите земји како изговор за сопствените геополитички интереси“.

„Арктикот се однесува на заедничките интереси на меѓународната заедница“, изјави портпаролката на кинеското МНР, Мао Нинг, нагласувајќи дека односите меѓу државите мора да се водат во согласност со принципите и правилата на Обединети нации.

Изјавата на Пекинг доаѓа по контроверзните пораки од американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред два дена изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да спречат тој да падне под влијание на Русија и Кина. Трамп наведе дека тоа може да се постигне „на лесен или на тежок начин“.

Изјавите на Трамп следат по сигналите од Белата куќа дека администрацијата размислува за купување на полуавтономната територија од Данска, при што не е исклучена ниту можноста за присилна анексија.

И Данска и властите во Гренланд категорично ја отфрлија ваквата идеја, потенцирајќи дека територијата не е на продажба. Копенхаген дополнително предупреди дека евентуална воена акција против земја-членка на НАТО би значела сериозен удар врз трансатлантската безбедносна алијанса.

error: Содржината е заштитена од копирање !!