Трамп: Без мене Русија ќе ја имаше цела Украина, Европа без САД нема вистинско одвраќање
12/01/2026 18:44
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека Русија ќе ја окупирала цела Украина доколку тој не бил на чело на САД, нагласувајќи дека во рамките на НАТО, Москва и Пекинг првенствено ги гледаат Соединетите Американски Држави како клучен противник, додека останатите членки, според него, немаат сериозен капацитет за одвраќање без американска поддршка.
Зборувајќи за војната во Украина, Трамп во интервју за Њујорк Тајмс повтори дека конфликтот немало да се случи доколку тој останел на власт.
„Да не бев јас, Русија денес ќе ја имаше цела Украина“, изјави Трамп.
Тој нагласи дека неговата администрација испорачала противтенковски ракетни системи во Киев, со кои, како што рече, биле уништени колони тенкови уште на почетокот на инвазијата. „Да не им го дадев тоа оружје, војната ќе завршеше многу брзо, Владимир Путин ќе влезеше во Киев“, изјави Трамп, додавајќи дека рускиот претседател „ги разбирал границите“ додека тој бил во Белата куќа.
Американскиот претседател повторно ги изнесе и тврдењата дека претседателските избори во САД биле „наместени“, оценувајќи дека доколку останел претседател, војната во Украина ќе била спречена.
Запрашан колку далеку е подготвен да оди во конфронтацијата со Путин, Трамп изјави дека има „одличен однос“ со него, и покрај, како што рече, „лажната афера ‘Русија, Русија, Русија’“, која ја оцени како целосно измислена од демократите и потенцијално опасна по глобалната безбедност.
Во контекст на приоритетите на американската надворешна политика, вклучително и НАТО и Гренланд, Трамп порача дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.
„Русија и Кина воопшто не се грижат за НАТО, освен за нас“, изјави тој, додавајќи дека токму неговата администрација ги принудила европските сојузници да ги зголемат трошоците за одбрана и да издвојуваат поголем процент од БДП за Алијансата, пренесе Танјуг.






