Шок на автопатот Скопје–Гевгелија: Возел 293 км/ч, полицијата експресно реагираше
20/01/2026 23:08
Министерството за внатрешни работи експресно реагираше по појавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино.
На оваа делница максимално дозволената брзина изнесува 120 километри на час, што значи дека возачот ја надминал дозволената брзина за повеќе од 170 километри на час, сериозно загрозувајќи ја сопствената безбедност, но и животите на сите учесници во сообраќајот.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи, по објавата на видеото, возачот бил брзо идентификуван. Станува збор за А.Д. (36) од село Елово, скопско, кој бил пронајден и повикан во полиција.
„Лицето е санкционирано согласно законските одредби“, соопштија од МВР, без да прецизираат какви мерки се изречени, но нагласија дека ваквото однесување претставува тешко кршење на сообраќајните прописи.
Од Министерството повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и ограничувањата на брзината, потенцирајќи дека ваквите екстремни случаи можат да имаат трагични последици.
Инцидентот повторно ја отвори дебатата за сообраќајната култура и потребата од засилени контроли и строги санкции за екстремно опасно однесување на патиштата во државата.





