Шилегов во судница побара повлекување на дел од обвиненијата: Државата троши пари за правно неоснован процес
02/02/2026 12:29
Адвокатот Петре Шилегов денеска во судница побара Обвинителството сериозно да го преиспита својот став и да повлече дел од обвиненијата, повикувајќи се на економичноста на постапката и на најновиот брифинг од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според Шилегов, државата троши огромни финансиски средства за судски процес кој, како што оцени, може да биде правно неоснован. Тој се повика на одлука на ОЈО ГОКК поврзана со истиот кривично-правен настан, во која за седум полициски службеници е отфрлена истрагата за тешки дела против општата сигурност.
Во образложението на таа одлука, како што наведе одбраната, било утврдено дека не постои директна причинско-последична врска за нивното непостапување, поради што тие би можеле да одговараат исклучиво за злоупотреба на службена положба – кривично дело кое, според Шилегов, веќе е застарено.
Адвокатот оцени дека истата правна логика треба да се примени и во актуелниот предмет, нагласувајќи дека постои контрадикторност во постапувањето и дека за дел од обвинетите треба да се повлече обвинението.
Судијката Диана Груевска Илиевска изјави дека Судот е запознаен со брифингот на ОЈО ГОКК и дека е побарана соодветната одлука, но потенцираше дека додека надлежното обвинителство не се произнесе во овој предмет, судењето мора да продолжи.
На наводите на одбраната реагираше обвинителот Борче Јанев, кој ги оцени како преуранети и несоодветни за конкретниот случај. Тој истакна дека Обвинителството сè уште нема увид во одлуките на ОЈО ГОКК и дека во овој предмет не станува збор за полициски службеници, туку за лица со различни функции и овластувања. Јанев додаде дека одлуките на ГОКК не се конечни и дека против нив може да се поднесат жалби, поради што сè уште не се правосилни.






