Почна судењето за 13 полицајци за пожарот во „Пулс“, сите се изјаснија дека не се виновни
11/05/2026 16:15
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети во предметот за пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани.
Во трагедијата, што се случи на 16 март 2025 година, загинаа 63 лица, а 223 беа повредени.
На денешното рочиште сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството, пак, оцени дека со пропусти во постапувањето придонеле за настанување на тешките последици.
Судот го одби барањето за изземање
Судскиот совет, со кој претседаваа судијките Фанка Јанчулева-Михаиловска и Лидија Петровска, најпрвин го одби барањето за изземање на судијката Петровска.
Одбраната се повика на роднински врски со сопругата на еден од адвокатите на оштетените. Судот оцени дека станува збор за подалечно сродство и дека нема интензивна комуникација.
Одбраната бараше одложување, Судот не прифати
На подготвителното рочиште одбраната достави дополнителни докази. Истовремено побара и одложување на постапката до завршување на главниот предмет за пожарот во „Пулс“.
Според одбраната, станува збор за суштинско претходно прашање. Судот го одби и овој предлог.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска рече дека одбраната не дала конкретен одговор што точно е спорно во обвинението.
„Очекував ова рочиште да биде поконструктивно. Може да продолжиме со рочиште за главна расправа. Сте ги примиле доказите и сте имале можност да се запознаете со нивната содржина, во оваа фаза постојат услови за одржување на главната расправа“, рече судијката.
Обвинителството: Пропустите биле надоврзани и довеле до трагедија
Обвинителката Спасенка Андонова во воведното излагање рече дека Обвинителството спровело обемна истрага. Според неа, обезбедени се бројни материјални и вербални докази.
Таа посочи дека содржината на доказите е вградена во обвинението и во описот на дејствата на обвинетите во периодот од 14 до 16 март 2025 година.
„Содржината на обезбедените докази е преточена во диспозитивниот дел на обвинението во кој е даден опис на дејствата на обвинетите, односно начинот на кој постапувале критичниот период што им се става на товар од 14.3 до 16.3.2025 и кои дејства како такви несомнено надоврзани едно на друго резултирале со сериозни последици за животот и телото на граѓани“, рече Андонова.
Спорно е и постапувањето околу акцискиот план
Според Обвинителството, обвинетите Марија Маневска и Томо Донев изготвиле план за акциска контрола, но без да ги опфатат сите проверки што биле во надлежност на МВР.
Воедно, според обвинението, немало ни соодветна процена на ризик.
Обвинителството тврди и дека раководните лица Дејан Салтировски и Ванчо Ѓоргиевски не го потпишале и одобриле планот навреме. Наместо тоа, според наводите, тоа било направено по трагичниот настан.
Обвинителството: Не спречиле пиротехника
Обвинителството смета и дека полициските службеници што биле во „Пулс“ не презеле мерки за да ја спречат употребата на пиротехнички средства.
Според обвинителката, тие имале можност да ја забележат пиротехниката на бината, но не постапиле.
„Полициските службеници, влегувајќи во кабарето ‘Пулс’, имале можност да го забележат постоењето на ваквата пиротехника на бината. Но не презеле ниедно дејство во насока на проверка на дозволеноста за негова употребата ниту, пак, се фокусирале во поглед на преземање понатаму дејства што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните од објектот“, рече Андонова.
Одбраната: Нема причинско-последична врска
Во воведниот збор, одбраната оцени дека обвинението е контрадикторно. Според адвокатите, не постои причинско-последична врска меѓу постапувањето на обвинетите и пожарот.
Тие тврдат дека полициските службеници постапувале според вообичаен акциски план. Воедно, според нив, не можеле да знаат дека ќе се користи пиротехника.
Одбраната посочи дека на критичниот ден обвинетите биле само неколку минути во кабарето. Според нив, почнале да ги извршуваат обврските од планот за контрола и не можеле да предвидат дека ќе дојде до пожар.
Адвокатите најавија дека во текот на постапката ќе докажуваат оти акцискиот план бил законски донесен. Исто така, ќе тврдат дека дел од обвинетите воопшто не влегле во „Пулс“.
Обвинението го води Спасенка Андонова
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката.
Обвинението тврди дека на критичната ноќ, кога избувнал пожарот, полициските службеници ниту ја прекинале забавата, ниту го спречиле активирањето на пиротехниката.
Предметот пред судот го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.



