MKinformer

your daily dose of news

Занаетчиите: Минимална плата од 600 евра ќе затвори дуќани и ќе остави работници без работа

04/02/2026 14:52

Зголемувањето на минималната плата на 600 евра може да предизвика затворање на голем број занаетчиски дуќани и отпуштање вработени, предупреди денеска Занаетчиска комора – Скопје.

Претседателот на Комората, Горан Ристовски, на прес-конференција истакна дека занаетчиите не се против зголемување на минималната плата, но дека таквата одлука мора да биде базирана на темелна економска анализа и реални можности на секторот.

„Занаетчискиот сектор не може да го издржи ова темпо на континуирано зголемување на трошоците. Особено е тешка состојбата на занаетчиите во помалите градови и руралните средини, каде што има голема миграција и значително пониска потрошувачка на занаетчиски производи и услуги“, изјави Ристовски.

Тој предупреди дека за да ја зачуваат ликвидноста, занаетчиите ќе бидат принудени да ги зголемат цените, што дополнително ќе ја намали побарувачката и ќе доведе до затворање на голем број мали бизниси.

Како што посочи Ристовски, зголемувањето на минималната плата на 600 евра директно ќе ги погоди занаетчиите кои паушално плаќаат данок по решение од Управа за јавни приходи, но и оние кои данокот го плаќаат според реално остварен приход.

Според податоците на Комората, само во Скопје работат над 2.300 занаетчии, додека на ниво на држава нивниот број изнесува речиси 8.000. Од Комората апелираат надлежните институции внимателно да ги согледаат последиците пред донесување конечна одлука.

error: Содржината е заштитена од копирање !!