MKinformer

your daily dose of news

Шесткратно убиство: Истрага за еко-НВО поврзана со култ

08/02/2026 20:31

Властите во Бугарија спроведуваат обемна истрага за убиство на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, а полицијата соопшти дека разгледува неколку можни верзии за мотивите, меѓу кои и можна поврзаност со култ.

Минатата недела беа пронајдени телата на три лица на возраст од 45 до 51 година во викендичка во сопственост на невладина организација, лоцирана во близина на превој Петрохан, во северозападниот дел на земјата. Жртвите, меѓу кои угледен адвокат со меѓународно искуство, сопственик на книговодствена фирма и инструктор по нуркање, биле пронајдени со прострелни рани.

По откривањето на злосторството, полицијата издаде потерница по тројца осомничени, вклучувајќи го директорот на организацијата и сопственик на викендичката, Ивајло Калушев. Тој, според информациите, избегал од местото на настанот заедно со две млади лица. Калушев бил познат како екстремен нуркач, морепловец, филмски продуцент и долгогодишен екоактивист.

Денеска, бугарските медиуми објавија дека Калушев и двете момчиња, на возраст од 15 и 22 години, биле пронајдени мртви во кампер во шумска област. Телата случајно ги открил овчар, а подрачјето веднаш било опколено од полицијата, каде и натаму се спроведуваат истражни дејствија.

Криминалниот психолог Неделчо Стојчев во изјава за бугарскиот весник 24 часа оцени дека, според однесувањето и претходните настани, Калушев покажувал карактеристики на „нарцисоиден психопат“.

Претходно, вршителот на должноста главен обвинител на Бугарија, Борислав Сарафов, изјави дека случајот е исклучително вознемирувачки и го спореди со телевизиската серија Твин Пикс, нагласувајќи дека бил шокиран и од активностите на невладината организација која, според него, се обидувала да ја преземе улогата на државните институции.

Според полициските информации, викендичката била силно обезбедена со огради, бариери, камери, опрема за надзор и дронови. Лицата што престојувале таму тврделе дека „ја штитат шумата и животната средина“, при што честопати ги запирале туристите и локалното население и го ограничувале пристапот до областа.

Неофицијално, истражителите се сомневаат дека невладината организација е поврзана со култ во кој биле вклучени тинејџери и деца, што дополнително ја усложнува и проширува истрагата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!