Физичка пресметка меѓу војници за време на вежба на Криволак?
18/02/2026 10:10
Инцидент наводно се случил вчера за време на армиска вежба на полигонот „Пенуш“, во рамки на армискиот полигон Криволак, дознава МК Информер од свoи извори.
Според информациите кои пристигнаа до редакцијата, дошло до физичка пресметка меѓу припадници на Армија на Република Македонија за време на активностите на терен.
Изворот тврди дека инцидентот започнал кога еден од надредените физички нападнал војник, по што настанала мешаница меѓу присутните на полигонот. Според нивните наводи, одреден период наназад постоело грубо однесување од страна на претпоставени лица, а меѓучовечките односи во единицата биле нарушени.
Редакцијата испрати прашања до Генералштабот на Армија на Република Македонија со цел да се утврди дали ваков инцидент навистина се случил и дали се преземени мерки против евентуалните учесници. До објавувањето на текстот, одговор не е добиен.
Армијата неодамна беше во фокусот на јавноста и по случаите со појава на шуга во касарната во Велес, по што реагираше и Независен синдикат на професионалните војници, алармирајќи за условите за работа и престој на војниците.
Се очекува официјална информација од надлежните институции во текот на денот.





