MKinformer

your daily dose of news

Криволак: Уништени гранати со боен отров од 75 милиметри

24/06/2026 18:29

Уништени две хемиски гранати со боен отров од Првата светска војна на Криволак

Две хемиски гранати со боен отров од Првата светска војна се уништени на армискиот полигон Криволак, соопштија на денешната прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов и пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов.

Гранати од 75 милиметри пронајдени во ниви

Едната граната била пронајдена во село Крклино, на влезот од Битола, а другата во атар на село Кременица на македонско-грчката граница. Двете биле пронајдени во ниви.

Смртоносна опасност по здравјето

Пиротехничарот Стефанов објасни дека гранатите од 75 милиметри од Првата светска војна, кога би се активирале, немаат за цел силна експлозија, туку ослободување и ширење на токсични агенси во околината.

“Оваа граната предизвикува изгореници на кожа, на очи и на бели дробови, ефектот врз луѓето во зависност од агенсот – печење и солзење на очи, кашлање, гушење, отежнато дишење. Симптомите се јавуваат понекогаш и со задоцнување. Дури до 72 часа откако ќе експлодира, не е препорачливо да се враќа на местото на настанот”, изјави Стефанов.

Уништување на полигон Криволак

Гранатите биле уништени на армискиот полигон во Криволак од страна на пиротехничарот Стефанов и двајца припадници на МВР од Единицата за антитероризам. Присутни биле и припадници на Армијата со санитетско возило, како и пожарникари од Противпожарната служба во Неготино.

Апел до граѓаните

Директорот на ДЗС Стојанче Ангелов апелираше до граѓаните да бидат внимателни:

“Граѓаните кога ќе пронајдат гранати, бомби, пушки, муниција и слични оружја од минатите војни, во природата или пак во урбани населби, да не ги поместуваат, туку веднаш да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи – 112, по што Дирекцијата за заштита и спасување соодветно и согласно стандардните оперативни процедури ќе ја отстрани опасноста”, изјави Ангелов.

Претходни случаи

Пред нова година биле уништени уште две гранати од истиот вид, пронајдени на брегот на Преспанското Езеро. Стефанов подвлече дека експлодирањето на вакви гранати предизвикува труење и гушење и може да има фатални последици.

error: Содржината е заштитена од копирање !!