Горивата повторно поскапуваат: бензините +7 денари, дизелот +6,5
16/03/2026 14:51
Горивата повторно поскапуваат. Следува нов силен удар врз џебот на граѓаните, откако Регулаторната комисија за енергетика денеска одлучи ново зголемување на цените на горивата.
Според одлуката, бензините поскапуваат за 7 денари по литар, додека цената на ЕУРОДИЗЕЛ се зголемува за 6,5 денари по литар.
Нови цени од полноќ
Со новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС-95 од вечерва на полноќ ќе се продава по 86,50 денари за литар.
ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 88,50 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ, пак, ќе се точи по цена од 92 денари за литар.
Поскапува и маслото за домаќинство
Покрај горивата, се зголемува и цената на екстра лесното масло за домаќинство.
Тоа поскапува за 7 денари по литар, па новата цена ќе изнесува 89,50 денари.
Повисока цена ќе има и мазутот М-1 НС. Тој од утре ќе се продава по 47,453 денари за килограм, што е зголемување од 4,867 денари.
Втор голем раст за само една недела
Ова е второ поголемо поскапување на горивата во последните седум дена.
Минатиот понеделник, цената на дизелот се зголеми за 14,5 денари по литар, додека бензините поскапеа за 5 денари.
Со новото покачување, притисокот врз домашниот буџет станува уште поголем, особено во услови кога растот на цените на горивата брзо се прелева и врз транспортот, услугите и другите основни трошоци.


